1 мај 2009

Докторот што не беше таму


Докторот имаше лоша навика да исчезнува кога на неговите пацијенти им се влошуваше ситуацијата. Тој тврдеше дека патува низ галаксии и спасува милиони и милиони други луѓе, но не му верував. Еден ден го пријавив кај надлежните, и неколку недели подоцна, по низа испитувања и превирања во прости и корумпирани комисии, докторот беше заврзан во бела кошула и испратен во најблиската лудница...

Ламји и зелени очи

Зеа го погледна преку масата, илјада глави како ламји гракнати околу неговиот ореол, во круг така нагоре и надолу, блуејќи виножито низ древната кафетерија, претварајќи ги црно-белите фотографии од Џејмс Дин и Мерилин Монро во Дизни сликовници со цена во долниот десен ќош на воодушевување на сите присутни; но тој беше отсутен, изгубен длабоко во нејзините очи, урочливо зелени како и оној ден во автобусот пред милион години кога со Моли му раскажуваа за нивната иднина како вештерки.

24 април 2009

Телоп Предупредување

Лежев пред телевизорот во ниедно време и шарав по копчињата на далечинското, останувајќи на секој канал таман колку да видам дали програмата за денот е завршена. На еден канал со број 34, во светло сини пикселизирани букви стоеше нешто вакво:

„Почитувани сопственици на АДС Стар Аеродром

Ги молиме благајниците на зградите и влезовите да подмират своите долгови за одржување на АДС од прошлата година, најкасно до 30.01.2009 год.

Ако не ги подмират своите долгови до овој рок, истите ќе бидат истакнати на овој телоп и исклучени од системот.

Извршен одбор на АДС“

Кога почнав да се клештам ко недоквакан на предупредувањето што го видов, нештата кликнаа и конечно го прифатив фактот дека сум вратен дома.

21 април 2009

=> Добредојде! <=


...Топчек го допи мартинито во една голтка, ја фрли чашата преку главите на разграканите гости, и со раширени раце се проби кон Хијавата, по пат надвикувајќи ја целата збирштина собрана на коктелот приреден во негова чест:

„Конечно, Хијавата Кјубрик лично! Добредојде на забавата на Хрум! Нашиот домаќин, г-н Пилпетар Хрум, за жал, не е во состојба да те пречека соодветно со оглед на тоа дека дреме над ВЦ шољата. Му кажав да не меша вино со узо, но што да се прави, некои луѓе се тврдоглави по дефиниција и си прават што сакаат, па макар и згинале. Како што и самиот знаеш, обично тоа со згинувањето го поддржувам максимално, но Хрум е добар човек, неговото лице се наоѓа до зборот филантропија во 18 енциклопедии ширум светот!“

16 април 2009

Разгледница од Белгија

Ѕидот беше сиот модар и испукан по северната страна: некој го удирал со фен и го преплашил до гола коска (да, и ѕидовите имаат емоции!). На полицата за книги лежеше мртов лилјак, се уште топол, а од неговата глава се вееше коктел знаменце со грбот на Белгија. Во просторијата се уште трепереше здивот на Начкрапникот.

Топчек: “Педерски цируси!“



Во полната месечина се прекршуваат бранови од стоногалки излеани без трошка срам над воспалените скопски гингиви. „Педерски цируси,“ вели Топчек со цигара во уста, гордо дигнат во треперењето на Зеа. „Си мислат украсуваат видео спот за некоја симфонија, а со балетанки на стапалата, а нурнати во чемерна бара отфрлена од сонцето.“ Се насмевнува и таму негде во ирисот на неговото лево око Зеа забележува распеан човечки скелет со шише рум во уста. „Сега ме презираш, мила мала моја, ама верувај ми: еден ден кога сево ова ќе се заврши ќе се обидеш да се сетиш на мојот лик за да доживееш барем некаква возбуда, така затапена од рутината на твоето секојдневие. Но, и двајцата знаеме дека во меѓувреме ќе поминеш низ серија третман со хипноза да ја заборавиш оваа вечер... и по некоја случајност, третманите ќе се исплатат. Така, колку и да ме бараш низ тунелите на твоето фригидно сеќавање, кога најмногу ќе ти требам нема да најдеш ништо освен расипан саат што се ниша пред твоите прекрасни очи.“ Зеа му верува и клима со носто насочен кон полната месечина што сега умира под плимата на стоногалките.

14 април 2009

Темница? Светлина?





Побарав објаснување... Зошто е таков? Што сака од мене? Го замолив, „Во име на Сократ и Декарт, помогни ми!“ Му подадов раце за милост, но тој ги одби. Неговата арогантна меланхолија го осуди на пропаст. И ден денес, секогаш кога пијам пина колада мислам на него...

13 април 2009

Меѓу небото и зеленото светло


Небото се провлекува низ шофершајбните заглавени во попладневниот сообраќај. Ги гледам очите на моите непријатели во соседните возила бледо зјапнати во срцето на сив облак што забрзано одминува. А ние стоиме во место и чекаме семафорот да покаже зелено. Кали е до мене и ми ги прераскажува деталите од нејзиниот работен ден. Баналности. Не сакам да бидам груб, ама размислувам: меѓу цијанид и нејзините зборови би избрал цијанид и би побарал репете. Зеленото светло конечно се пали и возилата пред нас поаѓаат, оставајќи го небото да виси по некои други шофершајбни.

25 март 2009

Drill in the Dark Micromix


Симни на КЛИК...

1. Bill Wyman - Valley (Video Version)
2. Kismet - Church
3. Portishead - Machine Gun
4. Ladytron - Soft Power
5. Tool - Die Eier Von Satan
6. Skinny Puppy - Magnifishit
7. Massive Attack - Inertia Creeps
8. Panda Bear - Comfy in Nautica
9. Brad Fiedel - Main Title from 'Terminator 2'

Траење >> 36:05
Тежина >> 49.5 MB

20 март 2009

Во ходникот на минатото



Клештарот ме држи на нишан и ми вели да се присетам, но не можам и не сакам. Што можеме да смениме од тоа што веќе се има случено? Црното небо надвиснува над нас и почнува да плаче. Кај да е, ќе се задавиме во неговите густи, неми солзи...

17 март 2009

Лека ноќ, пријатни кошмари


Чекорев низ гробиштата размислувајќи која песна да и ја посветам кога околу мене забележав конфети, празни шишиња вино и тук-там по некоја зафрлена коскичка. Да не приредиле дочек журка за некого? За моја Кали, можеби? Стоев во место некое време, чешајќи се по тилот, збунет човек во збунет свет. Ма зар навистина и мртвите си поминуваат повесело од мене?...

5 март 2009

Пустинскиот човек



Со уста полна белузлав чад од цигари, ми кажа дека е пустински човек, дека еден ден се разбудил под мексиканско сонце без да знае како се нашол таму, премногу пејоти можеби, но дека се чувствувал како да е одново роден, како да му е дадена втора шанса. Потоа го допи мохитото и од некоја причина позната само нему ми кажа, „А сега, време е за твојата втора шанса...“

3 март 2009

Проблемот со г-н Робото


Јапонскиот бизнис скитник Робото беше еден од ретките клиенти на Поп Култур Кафе што Анубис не ги чепкаше ни под разно. Ако Робото седеше на маса во еден по полноќ, Анубис палеше цигара и одбиваше да го затвори барот, без разлика на тоа дали Робото пиеше или не. Истиот тој Анубис беше спремен да го прати и најцврстиот профи боксер во болница за недоразбирање околу нарачка („За што ѓубре ме сметаш да ми побараш Бел Русин со шлаг?!“), ама ете, со Робото нештата беа поинакви. Кога Робото ќе се начукаше дебело и ќе почнеше да ги расфрла пепељарите, столиците и лампите, Анубис си молчеше и се правеше дека ништо не гледа. Еднаш Робото му врза шамар на Смеѓиот Пољак додека овој на тацна носеше 18 текили, и за да избегне тепачка Анубис набрзина го повлече Пољакот на страна и му отвори бесплатна сметка за вечерта. Не знаев што е проблемот со тој мал валкан Јапонец, ама полека-полека сето тоа ми одеше на нерви...

28 февруари 2009

Метаморфоза во прав



Не ми требаше луд протонацистички научник да забележам промена во неа...

24 февруари 2009

Тест карта 2



Понекогаш, кога Хијавата ќе застанеше пред публика, мислите му замрзнуваа во слика од црно-бела тест карта на места потечена со ѕвонливи пукнатини од прастара фанк трака, па мораше да се поткашла добро пред да се сети на било каков збор што човек би го разбрал. Една вечер, Хијавата го прекина настапот по само 5 минути затоа што низ цело тело му вибрираше богатиот глас на Исак Хејс, а неговата десна нога не можеше да престане да тапка во место...

19 февруари 2009

Anubis' Radiohead Micromix


Симни тука...

Траење >> 138:16
Тежина >> 189 MB

13 февруари 2009

Сцена од фестивалот „Бела Лугоши“


Се шетавме понатаму со Минерва, внесени во муабет што почна од никаде, а заврши пред Рамстор во моментот кога забележавме армија зомбии што се пробиваше низ влезните врати на трговскиот центар...

10 февруари 2009

Погледот на Кали



Нејзиниот поглед беше насекаде, така игличав и безмилосен, со вкус на света крв во пулсот на секоја жилка извиена околу ирисот. Се обидов да го избришам, вртејќи му грб, мафтајќи со тил во негова насока, трошки првут низ ретките влакна. „Мафни се од мене!“ мрморев зад мртвата тишина, збор по збор празен и бестелесен под моите усни (не сакав да добие впечаток дека му обрнувам внимание). Но, погледот остануваше, ако некогаш можело да се побегне од него, тоа време сигурно одамна минало...

7 февруари 2009

Парадоксот на Ферми


Физичарот Енрико Ферми се прашува зошто на Земјата досега не се појавиле вонземјани кога постојат многу сончеви системи каде би можело да еволуираат живи организми. Каде се посетителите од цивилизации што би требало да се многу понапредни од нашата?

Еден одговор е дека Земјата е навистина уникатна и дека сме сами во Вселената. Друг одговор е дека вонземјаните веќе ја посетиле земјата и заклучиле дека не сме доволно интересни за натамошни посети. Трет и многу поопасен одговор е дека напредните цивилизации неизбежно се уништуваат самите себе, во кој случај интелигенцијата е еволутивен ќорсокак и наша судбина е да исчезнеме.

Ноќно време гледам кон ѕвездите додека Бил Хикс позади мене дава и четврт одговор, „Можеби вонземјаните едноставно и не се толку интелигентни?“

30 јануари 2009

55 секунди



...Хијавата се обидуваше да се сети: дали човекот ја раскажа минијатурата или минијатурата го раскажа човекот...

29 јануари 2009

Клештарот и ритуалот на Двоглавиот Шаман


Еднаш пред милион години, нурнат во море од ајахуаска, Клештарот научи битна лекција во колибата на Двоглавиот Шаман...

Party of the Witches Micromix


Симни тука...

1. Swans - Blackmail

2. Tortoise - Along the Banks of Rivers
3. Do Make Say Think - A Tender History in a Rust
4. Tuxedomoon - Fifth Column
5. David Bowie - Abdulmajid
6. Lydia Lunch - Still Burning
7. Angelo Badalamenti - The Pink Room
8. Tricky feat. Alison Moyet - Make a Change
9. Mazzy Star - So Tonight That I Might See
10. Earth - Hung from the Moon
11. Black Dice - Things Will Never Be the Same
12. Electric Wizard - Black Magic Rituals & Perversions
13. Brian Eno - Under Stars

Траење >> 65:30
Тежина >> 89.9 MB

27 јануари 2009

Милост за железниот човек!



..., а понекогаш, ни обична прошетка не поминува без инцидент. И им се моли Хијавата на сите богови по азбучен редослед, „Оставете ме на мира, не ми треба уште еден нервен слом,“ но ако еден Хектор не може да добие милост од боговите, што станува со еден циничен изрод како Хијавата?

23 јануари 2009

Хијавата реши да оглуви



..., а Борсел беше премногу бучен: смеата на Амбасадорот и неговиот син додека голтаа шампањско на туѓа сметка како ехо се одбиваше од околните куќи, облакордери, улици, острови, бандери, споменици, билборди и неми пешаци. Каде и да одеше, долгата маса на која седеше купчето дипломати и новинари го повикуваше, прво со слатки тонови а потоа со потисната злоба, „Дојди назад, ова е голема вечер и мора да се прослави; класа е баров, дојди, гнидо една!“. Беше премногу зрел и огорчен за сето тоа да го мачи, но пред него се уште стоеше чашата шампањско што оној зевзек му ја понуди, а тој ја прифати и уште кажа, „Фала“. Хијавата седна на најблиската клупа и реши да оглуви, како кон другите, така и кон себе...

16 јануари 2009

His Name Was Topcek Micromix


Симни тука...


1. Mogwai - Sine Wave

2. Deerhunter - Octet

3. Pigface - Flowers Are Evil

4. The Kilimanjaro Darkjazz Ensemble - Rivers of Congo

5. The Mount Fuji Doomjazz Corporation - Seven

6. UNKLE - Heaven

7. Fuck Buttons - Colours Move

8. Tangerine Dream - Mysterious Semblance at the Stand of Nightmares

9. White Noise - Your Hidden Dreams

10. Boris - Untitled

11. Joe Meek and the Blue Men - Glob Waterfall

12. Black Mountain - Bright Lights

13. Glasvegas - Ice Cream Van

14. M83 - Midnight Souls Still Remain


Траење >> 106:00
Тежина >> 145 MB

Болница


...како завршив тука?

13 јануари 2009

Заседа = (мал наплив параноја)

Се шетавме по Rue Neuve околу полноќ. Улицата беше празна по речиси цела должина со исклучок на некој заскитан Мореконец тука и таму. Излозите од страна не гледаа гладно: пет саати без ниедно портмоне да влезе низ главната порта, таква потреба за свежа крв не била видена од времето на Херод. И ги одминувавме: WE, H&M, Footlocker…, а Мореконците се довлижуваа, нивните празни очи укоричени во ефтини кожни јакни, втренчени во нас со глад само ниво подолу од таа на излозите. И ним им требаа нашите пари и кредитни картички, не дека ги имавме. Јутан продолжуваше да зборува за Скопје; не ги приметуваше нивните ножеви блескави во неонското светло. Можев да се видам себеси од страна: илјада цевки од илјада пиштоли набоцкани надвор од секоја моја пора – вперени кон валканите расипани срца на Мореконците, по илјада куршуми за секој од нив – и секој момент спремни да испалат во рафална експлозија што ќе се слушне до Бриж. Но, еве, Мореконците не одминуваат со цигарите во уста, и зборуваат нешто глупаво, за газот на некоја, една вечер во некој клуб, колку бил сладок, нивните ножеви наеднаш невидливи под околните светилки. Се доближувавме до хотелот.

11 јануари 2009

Сенката на Вампирот



Понекогаш го сонувам Вампирот. Се вика Ушко и на времето се дружевме прилично. Имаше одличен вкус за музика и графички дизајн, со особено мека точка за делото на Гигер. Знаеше и многу интересни приказни да раскаже од неговите патешествија низ светот во текот на ’80-те.

Една посебно ми остана во сеќавање: за Абориџинот што му бил водич низ срцето на Австралија во ’87-ма и кој го спасил од крокодил со чудна мутација на муцката, подоцна објаснувајќи дека во тие краишта сите влечуги имаат деформитети од експерименти на вонземјани. Ушко имаше јакна од еден таков крокодил - на грбот гордо стоеше израсток во облик на полумесечина, а до него се гледаше човечко лице. Ушко ме уверуваше дека тие облици се од крокодилот и не се дополнително изработени, но не сум сигурен дека му верував.

Пред некоја година Ушко беше прогласен за политички неподобен, излезе гласина дека е дилер, и наеднаш го снема. Слушнав вести одоколу дека работел на бродови во Атлантикот. Ми недостасува од време на време, особено на ноќи со јасно небо и голема полна месечина...

8 јануари 2009

You Can't Go Home Micromix


Симни тука...

1. The (Hypothetical) Prophets - On the Edge
2. King Crimson - Starless
3. UNKLE feat. Ian Brown - Be There
4. Sofa Surfers - The Low Roider
5. Sleepytime Gorilla Museum - The Companions
6. Quiet Village - Gold Rush
7. Goldfrapp - Slippage
8. Bark Psychosis - Shapeshifting
9. David Bowie - Neuk
öln
10. Nine Inch Nails - La Mer
11. Atlas Sound - Bite Marks
12. Primal Scream - MBV Arkestra (If They Move Kill 'Em)
13. The (Hypothetical) Prophets - Wallenberg


Траење >> 75:19
Тежина
>> 103 MB

...молејќи се за НЛО...



...можеби јас бев само уплакана креатура сред бетонски џеб, свиена во превез од соништа врзани за милион пат изгледани филмови, „Што дека сум го гледал, изрежан е да го гледам и милјарда пати ако сакам,“ но во сите тие соништа само спореден лик, со камен во стомакот секогаш кога ќе ти се приближам, дали во канцеларија или надвор од неа, кој ме прашува, секогаш истиот камен што се појавува како сенка сред оној Берлин од соништата во кој има две Бранденбуршки порти, една во далечина, и една по угорница, и кога треба да чекорам нагоре, сфаќам дека е премногу стрмно за мене, и се држам со нокти за асфалтот да не се лизнам надолу вдолж безимената улица, иако сите туристи наоколу чекорат сосема нормално и продолжуваат напред без разлика на се, можеби затоа што сите тие се само дел од мене, прсти што мафтаат како-не-ти-е-срам во моја насока, затоа што знам што се случува со сите што го гледаат истиот филм милион пати, лежат згрутчено на тераса и се молат нагоре за НЛО или атомска ракета што ќе долета и ќе ја одведе приказната во сосема нова насока...

2 јануари 2009

Птици



Небото се отвори и тие дојдоа. Кој ги покани? Зошто никој не прати известување на време? Дали Кајманот ќе добие нешто од сево ова? Седам стутулен во најдалечниот ќош од спалната и се прашувам...