1 мај 2009

Докторот што не беше таму


Докторот имаше лоша навика да исчезнува кога на неговите пацијенти им се влошуваше ситуацијата. Тој тврдеше дека патува низ галаксии и спасува милиони и милиони други луѓе, но не му верував. Еден ден го пријавив кај надлежните, и неколку недели подоцна, по низа испитувања и превирања во прости и корумпирани комисии, докторот беше заврзан во бела кошула и испратен во најблиската лудница...

Ламји и зелени очи

Зеа го погледна преку масата, илјада глави како ламји гракнати околу неговиот ореол, во круг така нагоре и надолу, блуејќи виножито низ древната кафетерија, претварајќи ги црно-белите фотографии од Џејмс Дин и Мерилин Монро во Дизни сликовници со цена во долниот десен ќош на воодушевување на сите присутни; но тој беше отсутен, изгубен длабоко во нејзините очи, урочливо зелени како и оној ден во автобусот пред милион години кога со Моли му раскажуваа за нивната иднина како вештерки.

24 април 2009

Телоп Предупредување

Лежев пред телевизорот во ниедно време и шарав по копчињата на далечинското, останувајќи на секој канал таман колку да видам дали програмата за денот е завршена. На еден канал со број 34, во светло сини пикселизирани букви стоеше нешто вакво:

„Почитувани сопственици на АДС Стар Аеродром

Ги молиме благајниците на зградите и влезовите да подмират своите долгови за одржување на АДС од прошлата година, најкасно до 30.01.2009 год.

Ако не ги подмират своите долгови до овој рок, истите ќе бидат истакнати на овој телоп и исклучени од системот.

Извршен одбор на АДС“

Кога почнав да се клештам ко недоквакан на предупредувањето што го видов, нештата кликнаа и конечно го прифатив фактот дека сум вратен дома.

21 април 2009

=> Добредојде! <=


...Топчек го допи мартинито во една голтка, ја фрли чашата преку главите на разграканите гости, и со раширени раце се проби кон Хијавата, по пат надвикувајќи ја целата збирштина собрана на коктелот приреден во негова чест:

„Конечно, Хијавата Кјубрик лично! Добредојде на забавата на Хрум! Нашиот домаќин, г-н Пилпетар Хрум, за жал, не е во состојба да те пречека соодветно со оглед на тоа дека дреме над ВЦ шољата. Му кажав да не меша вино со узо, но што да се прави, некои луѓе се тврдоглави по дефиниција и си прават што сакаат, па макар и згинале. Како што и самиот знаеш, обично тоа со згинувањето го поддржувам максимално, но Хрум е добар човек, неговото лице се наоѓа до зборот филантропија во 18 енциклопедии ширум светот!“

16 април 2009

Разгледница од Белгија

Ѕидот беше сиот модар и испукан по северната страна: некој го удирал со фен и го преплашил до гола коска (да, и ѕидовите имаат емоции!). На полицата за книги лежеше мртов лилјак, се уште топол, а од неговата глава се вееше коктел знаменце со грбот на Белгија. Во просторијата се уште трепереше здивот на Начкрапникот.

Топчек: “Педерски цируси!“



Во полната месечина се прекршуваат бранови од стоногалки излеани без трошка срам над воспалените скопски гингиви. „Педерски цируси,“ вели Топчек со цигара во уста, гордо дигнат во треперењето на Зеа. „Си мислат украсуваат видео спот за некоја симфонија, а со балетанки на стапалата, а нурнати во чемерна бара отфрлена од сонцето.“ Се насмевнува и таму негде во ирисот на неговото лево око Зеа забележува распеан човечки скелет со шише рум во уста. „Сега ме презираш, мила мала моја, ама верувај ми: еден ден кога сево ова ќе се заврши ќе се обидеш да се сетиш на мојот лик за да доживееш барем некаква возбуда, така затапена од рутината на твоето секојдневие. Но, и двајцата знаеме дека во меѓувреме ќе поминеш низ серија третман со хипноза да ја заборавиш оваа вечер... и по некоја случајност, третманите ќе се исплатат. Така, колку и да ме бараш низ тунелите на твоето фригидно сеќавање, кога најмногу ќе ти требам нема да најдеш ништо освен расипан саат што се ниша пред твоите прекрасни очи.“ Зеа му верува и клима со носто насочен кон полната месечина што сега умира под плимата на стоногалките.

14 април 2009

Темница? Светлина?





Побарав објаснување... Зошто е таков? Што сака од мене? Го замолив, „Во име на Сократ и Декарт, помогни ми!“ Му подадов раце за милост, но тој ги одби. Неговата арогантна меланхолија го осуди на пропаст. И ден денес, секогаш кога пијам пина колада мислам на него...