11 јануари 2009

Сенката на Вампирот



Понекогаш го сонувам Вампирот. Се вика Ушко и на времето се дружевме прилично. Имаше одличен вкус за музика и графички дизајн, со особено мека точка за делото на Гигер. Знаеше и многу интересни приказни да раскаже од неговите патешествија низ светот во текот на ’80-те.

Една посебно ми остана во сеќавање: за Абориџинот што му бил водич низ срцето на Австралија во ’87-ма и кој го спасил од крокодил со чудна мутација на муцката, подоцна објаснувајќи дека во тие краишта сите влечуги имаат деформитети од експерименти на вонземјани. Ушко имаше јакна од еден таков крокодил - на грбот гордо стоеше израсток во облик на полумесечина, а до него се гледаше човечко лице. Ушко ме уверуваше дека тие облици се од крокодилот и не се дополнително изработени, но не сум сигурен дека му верував.

Пред некоја година Ушко беше прогласен за политички неподобен, излезе гласина дека е дилер, и наеднаш го снема. Слушнав вести одоколу дека работел на бродови во Атлантикот. Ми недостасува од време на време, особено на ноќи со јасно небо и голема полна месечина...

Нема коментари: