8 јануари 2009

...молејќи се за НЛО...



...можеби јас бев само уплакана креатура сред бетонски џеб, свиена во превез од соништа врзани за милион пат изгледани филмови, „Што дека сум го гледал, изрежан е да го гледам и милјарда пати ако сакам,“ но во сите тие соништа само спореден лик, со камен во стомакот секогаш кога ќе ти се приближам, дали во канцеларија или надвор од неа, кој ме прашува, секогаш истиот камен што се појавува како сенка сред оној Берлин од соништата во кој има две Бранденбуршки порти, една во далечина, и една по угорница, и кога треба да чекорам нагоре, сфаќам дека е премногу стрмно за мене, и се држам со нокти за асфалтот да не се лизнам надолу вдолж безимената улица, иако сите туристи наоколу чекорат сосема нормално и продолжуваат напред без разлика на се, можеби затоа што сите тие се само дел од мене, прсти што мафтаат како-не-ти-е-срам во моја насока, затоа што знам што се случува со сите што го гледаат истиот филм милион пати, лежат згрутчено на тераса и се молат нагоре за НЛО или атомска ракета што ќе долета и ќе ја одведе приказната во сосема нова насока...

Нема коментари: