23 декември 2008

Во метрото



Одвреме навреме, кога Кали не беше дома да ме проверува, ќе го фрлев мобилниот во некој забутан ќош и ќе се прошетав до најблиската метро станица. Ова особено сакав да го правам ноќно време, околу полноќ, пред да ја затворат станицата. Чистиот шумски воздух што ми ги полнеше градите за време на прошетката (живеев на раб од шума) умираше на влезот од загушливото метро, оставајќи ме сам со голите стерилни ѕидови на подземната градба. Со исклучок на утринските и попладневните часови, станицата беше секогаш речиси празна, а ноќно време, додека се шетав низ неа бев убеден дека нема никој друг освен мене. На некој начин, имав ментална врска со неа - таа беше безлична и сама, исто бев и јас - што во тоа време претставуваше не мала утеха. Понекогаш, шетајќи се низ нелогично извиените тунели на станицата гледав издолжени сенки што за миг се распламтуваа како торнадо а потоа исчезнуваа; бев убеден дека тоа е некаков знак што метрото сака да ми го прати, а како што дознав некоја година подоцна, бев во право.

Нема коментари: