17 декември 2008

Пролог (варијанта 1)


„На почетокот беа Дилан Дог и Стивен Кинг. Сериозно. Се шетаа бавно низ густата германска шума, облеани со полна месечина, вампири од лева страна, врколаци од десна, и климаа со главите како мисирки пред 4-ти јули. Немаше некоја причина во нивниот тивок чекор; стапките се редеа една по друга, втиснувајќи се длабоко во ровката шумска земја, пригмечувајќи понекој заскитан црв...“

Вака почнуваше една од многубројните верзии на романот што Ален Корубин никогаш не го заврши. Во оваа верзија ниту Дилан Дог ниту Стивен Кинг не беа оние славните Дилан Дог и Стивен Кинг, туку обични сметководители што сосема случајно се именувани така. Планот на Ален Корубин за оваа верзија на романот беше да ги воведе овие ликови на самиот почеток како иронична досетка наменета за фановите на хорор литературата за подоцна, во самиот расплет, да ги претвори во deus ex machina. Но, како што се разгрануваше дејствието, и Дилан Дог и Стивен Кинг се изгубија во позадината, а нивниот автор заборави што сакаше да каже. Во друга верзија на романот, Ален Корубин почнува вака...

Нема коментари: